Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука.
„Јазикот создава простор за разбирање, за соработка и за обединување околу идентитетските вредности. Преку него, различностите стануваат богатство, а иднината – можност за индивидуален и колективен раст. Албанскиот јазик и култура се вградени во нашето социјално ткиво и отвораат простор за меѓусебно разбирање и соживот. Почитувањето на јазичните разлики нѐ прави демократско мултикултурно општество“, пишува Сиљановска Давкова во честитката.
Додава дека земјава останува пример на посветеност кон зачувување и унапредување на етничката, јазичната, културната и верската разноликост, овозможувајќи образование на мајчиниот јазик во сите степени, како и слободно и достоинствено изразување на колективната меморија и духовност.
-22 ноември е историски важен датум за Албанците, но и за македонската држава. Пред 116 години во Битола е унифицирана албанската азбука, чин којшто ја зацврстил јазичната самосвест на албанскиот народ и создал темел за понатамошен културен и цивилизациски прогрес. Унифицирањето на албанската азбука не е само акт на јазична реформа, туку и симбол на стремежот за еманципација и просветување, порача претседателката.