Вчера беше објавено дека се помилувани седум осудени лица, по повод новогодишните празници. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информираше дека работата е во рацете за Комисијата за помилување, а претходно стигнал предлог од Министерството за правда. Шефицата на државата добила објаснување за сите случаи.
-Кога човек ќе чуе помилување, мисли дека некој е целосно е ослободен. Овие помилувања се однесуваат на три месеци и еве изјавувам пред јавноста дека една од основните забелешки на нашиот систем на помилувања е многу кусиот период што го овозможуваме. И луѓето кои ќе згрешат во животот, еднаш или повеќе пати, остануваат луѓе. Правото на помилување е човечко право и се оценува ресоцијализацијата откако ќе се најдете во затвор – како се однесувате кон стореното дело, луѓето околу вас, кон работните обврски…Во овие луѓе, ама и во претходните, секогаш се наоѓале луѓе на кои што им била редуцурана или им биле простени последните три месеци од казната. Ниту Министерството за правда, ниту Комисијата за помилување можат или смеат да играат улога на истражни органи и да се јавуваат во АНБ или АР за да ги проверуваат луѓето. Тоа е работа на судот. Судијата го креира профилот кој што доаѓа до нас. Само судот ги проверува фактите и доказите, рече Сиљановска Давкова во изјава при посетата на штипската касарна.
Според претседателката, сегашниот Закон за помилување не е закон во вистинска смисла, по неколкуте одлуки на Уставниот суд.
-Нема систем, нам ни треба модерен Закон за помилување во кој што суштината ќе биде луѓето затвореници оти помилувањето не е квази-санкција туку разбирање и отворање на пат за еден друг живот, додаде Сиљановска Давкова.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, шестемина осудени лица се помилувани во траење од 3 месеци, а едно лице 3 месеци и 4 дена, што кај него доведе до потполно ослободување од извршување на казната затвор.