Шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова утрово упати сочувство до семејствата од Црна Гора по синоќешниот масакр во Цетиње. Во порака на социјална мрежа „Х“, претседателката порача:
„Упатувам најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските погодени од трагичното масовно пукање во Цетиње, Црна Гора. Моите мисли се со жртвите, нивните семејства, народот на Црна Гора и сите оние кои беа погодени во ова неверојатно тешко време“.
I extend deepest condolences to the families and loved ones affected by the tragic mass shooting in Cetinje, Montenegro. My thoughts are with the victims, their families, the people of Montenegro, and all those impacted during this incredibly difficult time.
— Гордана Сиљановска Давкова (Gordana Siljanovska) (@gogamkd) January 2, 2025
Тридневна жалост во Црна Гора по масовното убиство во Цетиње. 45-годишниот напаѓач Ацо Мартиновиќ, кој уби 12 и рани четворица, е мртов-соопштија властите. Се обидел да се самоубие откако бил опколен од полицијата, починал на пат кон болница.
„Кога сфатил дека нема излез се обидел да се самоубие. Тој не почина на лице место, туку во текот на транспортот до болница. Дозволете ми сега да ја пренесам пораката за мир, што е најважно за жителите на Цетиње за да можат да се вратат на својот нормален живот“, изјави Данило Сарановиќ, министер за внатрешни работи на Црна Гора.
На убиствата им претходела расправија в кафеана по што Мартиновиќ заминал и се вратил со оружје усмртувајќи го сопственикот на локалот и неговите деца, како и членови на сопственото семејство. Според официјалните лица, убиствата ги извршил на четири локации. Премиерот на Црна Гора при посетата на ранетите во Клиничкиот центар најави дека ќе се размислува за целосна забрана за поседување огнено оружје.
„Ова е страшна трагедија што не погоди сите во Цетиње, односно селото Бајице кај Цетиње. Имаме четворица тешко повредени кои се во Клиничкиот центар. Лекарите се борат за нивните животи“, изјави Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора.
Од болницата потврдија дека сите повредени се во животозагорзувачка состојба, тројца од нив се стабилни, а четвртиот пациент кој се здобил со повеќе повреди е во потешка состојба.
Мартиновиќ од претходно и е познат на црногорската полиција кога при претрес во 2022-ра година кај него биле пронајдени воздушна пушка и експлозив. Ова е второ масовно убиство во Цетиње во последните две години. Во 2022-ра година загинаа десет лица, а шестмина беа ранети кога напаѓач со ловечка пушка пукаше кон соседите, екипата на Итната медицинска помош, припадниците на полицијата и случајните минувачи, пред да биде ликвидиран од полицијата.