Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова се огласи по настаните во салата во Куманово и ксенофобичното однесување на дел од присутните навивачи на натпреварот меѓу Македонија и Романија. Претседателката ги осуди повиците и потсети на слично навредливо навивање кое се случи неполн месец на арената „Тодор Проески“.
-Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте, го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа?
Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“.
И… заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени, порачува шефицата на државата во својата порака.
Сиљановска е децидна дека неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – „проектили“.
-По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена.
Се разбира, првата лекција „како се навива“ се учи дома, а по неа се нижат други: во градинка, во основно, во средно, на факултет, во клубот, на натпреварот, во публиката.
Можеби за почеток, пред секој натпревар, треба да се упати предупредувачка порака до гледачите да ги исклучат лошите мисли и пораки, како што тоа го прават со мобилните телефони, оти натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна, наведува меѓу другото претседателката во својата објава.