Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на нејзината регионална турнеја. Од Кабинетот на претседателката велат дека Сиљановска-Давкова ја оцени посетата како охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на регионот.
-Урсула фон дер Лајен пак, разговорот го започна со изразување отворен интерес на ЕУ за Западниот Балкан, заради неговата природна европска припадност во географска, историска и културна смисла, но и заради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани.
Македонската претседателка ја реафирмираше посветеноста кон исполнувањето на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ.
Таа ги спореди Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика: во првиот, земјите, членки на ЕУ, застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па и блокирааат политичкиот пат на соседот кон Брисел, истакнуваат од прес-службата на Сиљановска Давкова.
Уште еднаш укажа на огромната важност за регионот на: СЕПА, Западно-балканскиот роаминг, „Везилка- Националниот центар за вештачка интелигенција”, „Хоризонт”, како и на големите очекувања од инфраструктурните проекти: „Коридор 8″ и „ Коридор 10″.
Гордана Сиљановска – Давкова предупреди на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализацијата на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхагенските критериуми, не само во регионални рамки, туку и пошироко.
-Воедно, потсети на непочитувањето, односно кршењето на некои фундаментални принципи и вредности на основните конститутивни акти на ЕУ што ги гарантираат националниот и културниот идентитет на државите и нациите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните. Исто така, изрази спремност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори.
Сиљановска – Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции, бидејќи како што нагласи, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување, туку ја засега безбедноста и стабилноста на Европа. Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, за Сиљановска-Давкова би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор.
Според неа, ние мораме да ја насочиме енергијата кон реформите во судството и бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот.
Претседателката Урсула фон дер Лајен ја нагласи јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздрави значајниот прогрес постигнат во рамките на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред, нагласуваат од Кабинетот на претседателката за средбата.