Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Загреб порача дека во Македонија, граѓаните имаат јасен став – околу 80 отсто не сакаат да се менува Уставот, но речиси 70 отсто се за членство во Европската Унија.
-Ова создава тешка дилема за политичарите, како да се усогласи волјата на народот со меѓународните обврски, истакна шефицата на државата на предавањето на тема „За парадоксите на македонските евроинтеграции“ на Правниот факултет во Загреб.
Посочила дека историјата покажува дека земјата знае да прави тешки, но важни чекори и дека Македонија е единствената држава што го смени своето име.
Претседателката нагласила дека во дипломатските односи често се посочува дека договорите треба да се почитуваат, но тоа не значи дека секој договор може да наметне промена на Уставот. Додала дека според власта договорите треба да се почитуваат во духот на соработката, без да се кршат домашните правила.
Сиљановска-Давкова нагласила дека во договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година нема ниту еден збор за уставни измени, потенцирајќи дека таквите прашања не може да се воведуваат преку протоколи договорени меѓу министри, без ратификација во парламент.
– Не може двајца министри за надворешни работи во улога на конзули да менуваат договор. Тоа е спротивно на правните принципи – истакна таа, додавајќи дека не ѝ е јасно како вакви одредби станале дел од преговарачката рамка со ЕУ.