Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.
Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.
„Празнуваме 35 години од независноста. Но, исто така одбележуваме и горчливо-слатка годишнина: 25 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Четврт век, мојата земја формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи. Велам горчливо-слатка затоа што, покрај Турција, ние сме најдолгогодишниот кандидат во чекалната за полноправно членство.
Зошто поминавме 25 години во усогласување на нашите закони? Не е само за да го задоволиме Брисел. Поради тоа што ја разбираме мудроста на Жан Моне, архитектот на Европа. Тој е познат по својата изрека: „Ништо не е можно без луѓе, но ништо не трае без институции“.
Научивме дека процедурите се гаранција за еднаквост. На процедурата не ѝ е грижа дали сте богати или сиромашни. Не ѝ е грижа која политичка партија е на власт. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата го надживуваат владетелот. Ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото“, кажа, меѓу другото, шефицата на државата.