Сиљановска помилува контроверзни лица: „Политиката може да има одредена улога со оглед на тоа колку нашето општество е политизирано“

од Nikola Popovski
141 прегледи

Лавина реакции по одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова празнично да помилува 10 осуденици, од кои на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна, додека на останатите седуммина им се скратува времетраењето на казната. На списокот се и познати имиња: поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески осуден во „Транспортер“, Марјан Ефремов осуден во „Шпион“, но и лица како Акиф Бејадин Равмановски, кој се поврзува со подземјето и наркоклан, како Шенол Маслани, брат на Шенки Версаче. Претседателката вели дека ја потпишува одлуката и го има конечниот збор, но додава оти не се меша во работата на Комисијата за помилување.

Дел од експертите и правните лица тврдат дека има голема непознаница околу критериумите за помилување на лицата. Поранешната судијка во Судот за човекови права и еден од основачите на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска во краток разговор за „Локално“ вели дека не ги знае имињата на лицата и не знае за што биле осудени, ниту какви се мислењата на Министерството за правда, полицијата и затворската служба. Сепак објаснува дека главниот збор го има шефот на државата.

Маргарита Цаца Николовска

-Има барање за помилување и по некој повод, како што беше државниот празник, претседателот на државата врши помилувања.

Мислам дека Министерството за правда, Комисијата за помилување и затворската служба можат да дадат одговори. Колку што слушнав од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, таа се огради и кажа дека постапувала по предлозите на Комисијата, ни рече Цаца Николовска, додавајќи дека „тоа не е оправдување“.

-Членовите на Комисијата даваат свое мислење, но, ти како претседател можеш да не го прифатиш. Сепак, не сакам да елаборирам на празно. Треба да се има конкретни факти, објасни поранешната судијка.

Од друга страна, адвокатот Владо Бангиевски анализира дека единствено може да ја цени постапката на претседателката само во однос на законитоста на дадените помилувања. Укажува на фактот дека имаме посебен Закон за помилување, по кој е должен да постапува секој претседател, односно шеф на држава.

-Доколку целосно е запазена постапката за помилување во однос на почитувањето на Законот – тогаш таа, како претседател има полно право, по закон, да дава помилувања. Во однос на сомнежите, изнесени во јавноста, околу профилот на личностите кои се помилувани од страна на претседателката, не би коментирал, со оглед на тоа што навистина се работи за шпекулации и поврзувања кои евентуално можат да бидат предмет на други постапки и за ко се потребни цврсти докази, наведува Бангиевски во разговор за „Локално“.

Правното лице ја објаснува постапката за помилување, која е уредена со Законот за помилување. Според него, таа се поведува по молба на осуденото лице или по службена должност. Понатаму, во корист на осуденото лице молба за помилување може да поднесат брачниот другар, роднина по крв во права линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател и истата е итна.

Владо Бангиевски

-Според Законот молбата за помилување се поднесува до претседателот на Републиката, преку судот што ја изрекол пресудата во прв степен. Молбата за помилување на лице кое се наоѓа на издржување на казна, ја упатува преку управата на казнено-поправната установа, која веднаш по приемот заедно со извештај за поведението на осуденото лице и други податоци од значење за решавање, ја доставува до надлежниот суд. Е сега, Претседателот со одлука формира Комисија за помилување и го определува составот и бројот на членовите на Комисијата која донесува деловник за начинот на нејзината работа.

Комисијата за помилување при подготвување на предлозите ги има предвид следниве критериуми, според Законот:
– природата, видот и тежината на извршеното кривично дело,
– личноста на осудениот и неговиот поранешен живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики и
– влијанието на актот за помилување врз средината од каде што потекнува осудениот и средината каде што го извршил кривичното дело. Сумарно, така изгледа постапката за помилување, објаснува соговорникот.

На прашањето дали во ваквата одлука игра улога и политиката, со оглед дека гледаме одредени лица поврзани со поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, осуденик кој барал Уставен да го укине СЈО, но и лица кои се осомничени за сторен насилен акт пред десетина дена, Бангиевски вели:

-Политиката претпоставувам дека има одредена улога, со оглед на тоа колку нашето општество е политизирано, но, секако, без оглед на се, јас би апелирал на крајно големо внимание при користењето на оваа можност на претседателот, за да не се доведуваме до оваа ситуација.

На официјалниот сајт на шефицата на државата, стои дека според законски утврдената постапка, министерот за правда ги разгледува молбата и останатите документи, и дава свој предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.

Комисијата за помилување на претседателот на Република Северна Македонија, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда.

Комисијата, со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.

Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда,  претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука.

Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Гордан Калајџиев

Од Комисијата велат дека имаат советодавна улога. Членот на Комисијата, професорот Гордан Калајџиев посочи дека дека бројот на помилувања во земјава е мал, а краток е и рокот на ослободување од издржување казна затвор. Според него, условите во македонските затвори се катастрофални, а дека казнената политика е многу поостра споредено со земјите на ЕУ. Тој додава дека во затворите со години луѓе лежат за сообраќајки или за симболично количество дрога што го поседувале. За вакви прекршоци во ЕУ, според него, казните се помали. Притоа додава дека „Идризово“ е најлош затвор во Европа.

Опозицискиот СДСМ бара повлекување на одлуката, бидејќи, како што велат, местото на криминалците е во затвор, а не на улица. Бараат да се огласи и министерот за правда, Игор Филков и да каже дали дал позитивно мислење за листата. Се огласија и други партии. Левица исто така смета дека одлуката е скандалозна и сметаат дека „оваа политичка гарнитура докажа дека слободата се купува со пари“. ВМРО-Народна партија ја повика Сиљановска Давкова да ги помилува и осудените за „27 април“.

Н.П.

Слични содржини