Сиљановска разговарала со Штајнмајер за спроведување на реформите на патот кон ЕУ

од Nikola Popovski
3,1K прегледи

Претседателката Сиљановска Давкова вчеравечер присуствуваше на приемот, што за учесниците на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин го приреди претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.

Двајцата претседатели оствариле куса средба, на која размениле мислења за пост-изборниот период во земјата и формирањето на новата влада и очекувањата за спроведување на реформите на македонскиот пат кон Европската Унија, информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова.

Претседателката вчера во Берлин изјавила дека е неопходен нов тип Маршалов план за помош на разурната Украина.

На конференцијата за обнова на Украина, таа истакнала дека е неопходно да се инвестира не само во патната и енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовната, социјалната и нормативната инфраструктура на земјата.

-По Втората светска војна, Маршаловиот план меѓу другото беше израз на солидарност со уништената Европа, а денес е неопходен нов тип на Маршалов план за уништената Украина, потенцирала Сиљановска Давкова.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателката, на главниот панел на конференцијата во Берлин, позитивно бил оценет постоечкиот заеднички европски став дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.

Пред Сиљановска Давкова, говореле домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а говорела и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Во фокусот на дводневниот собир во Берлин, кој е продолжение на конференцијата одржана пред една година во Лондон, е и поддршката за реформите што ги иницира Украина како дел од нејзините напори да стане членка на ЕУ.

Слични содржини