Шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитки за победата на Алкалоид над АЕК во првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп. Претседателката порача дека е горда на играчите.
-Особена благодарност до тренерот Кире Лазаров и главниот спонзор Живко Мукаетов! Така се бранат македонските бои! Триумфално влеговте низ портата на победата. Излезете низ неа со пехар в раце, објави Сиљановска-Давкова.
Победниците на Суперкупот и Купот на Македонија го победија атинскиот тим со 25:29 (14:16). На овој начин, тимот на Лазаров стави една рака на пехарот и тоа само во третата година од постоењето на клубот.
Најефикасен играч во тимот на Алкалоид беше Мартин Серафимов со шест постигнати гола, додека „пет од пет“ имаше Франциско Да Силва.
Реваншот е оваа недела во арената „Борис Трајковски“.