Квалификацијата воопшто не ја прифаќам. Вие знаете дека преферирам жени, тоа го повторувам. Имав долг разговор со досегашната гувернерка и ја почитувам. Но, ги почитувам и другите двајца кандидати, изјави денеска претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова за изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка и критиките од страна на опозицијата.
Шефицата на државата вели дека имала и свој кандидат и кандидатка, но, како што истакна, мора некогаш да бидете реални, бидејќи, кога е во прашање нивниот кредибилитет и интегритет, не е туку така да ги предложите и да не поминат на гласањето.
-Не се право во поглед на професорот Трајко Славески. Самиот Закон за НБ не предвидува услов одреден временски период да не сте биле на партиска функција туку велите во текот на мандатот да немате партиска функција. Проблемот со партизацијата се појавува тогаш кога на вистински места доаѓаат погрешни луѓе. Неквалификувани и нестручни лица доаѓаат на високи функции. Тоа не е во ред да се рече за професорот Славески, кажа Сиљановска Давкова.