За најавите на СДСМ за поднесување на Декларација со „црвени линии“ за евроинтеграциите на Македонија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека „не ги разбира“.
-По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме Декларација и тоа неколку во Собранието и не беа почитувани. Ние дури референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека „доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите“. Да, ќе ги прекинеме преговорите и тоа му одговара на соседот, ама ќе го смениме Уставот по 37-ми пат, рече денеска претседателката.
Сиљановска смета дека треба да се договорат во Собранието и да се постигне консензус пред да се даваат изјави во официјален Брисел.
Декларацијата со „црвени линии“ според опозицијата треба да помогне во поместувањето на преговарачките позиции на Македонија на патот кон ЕУ, но доколку не се изгласа од пратениците ќе биде само уште една недовршена политичка иницијатива. Лидерот на опозицијата, Венко Филипче очекува од другата страна сериозен пристап и изнајдат решенија за националните интереси.