Сиљановска за зборовите на Кочоска кон Петровска: Не е лошо човек да се извини

од Nikola Popovski
898 прегледи

„Не е лошо човек понекогаш и да се извини“ – вака изјави претседателката Гордана Сиљановска- Давкова по искажаната реплика на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Собранието до пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска. Според неа, сите политичари треба да внимаваат на говорот.

„Не е лошо човек да се извини, не е лошо човек да рече дека можеби перцепцијата не е таква каква што требало да биде. Намерата не била лоша намера. Тоа мислам дека ќе доведе до надминување на ваквите проблеми“, рече вчера шефицата на државата.

Инцидентот се случи кога Кочоска на прашање на пратеничката за цените и потрошувачката кошница, првин порача дека нема никаква почит кон Петровска и дека пратеничката нема право да зборува за мајки со деца, што беше протолкувано како навредлив коментар за семејна состојба.

Министерката за финансии изјави дека темата за инцидентот со пратеничката на СДСМ, за неа е завршена и дека се фокусира на својата работа. Посочи дека веќе изразила жалење за целиот контекст. Според неа, народот има поважни теми. Таа потенцираше дека немала никогаш намера да навреди никого, напротив, како што рече „таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва“.

Петровска најави дека ќе поднесе преставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Според неа, таа добила навреда, но, како што рече, не ја примила иако намерата била да биде омаловажена затоа што нема деца и семејство. За изјавата на министерката „врз основа на што вие во уста ги ставате мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина“, Петровска рече дека алудира на потценување и „обид да ме дискредитира, да ме дискриминира заради тоа што јас немам деца“.

Зборувајќи општо за политичката култура, претседателот на Собранието, Африм Гаши во петокот порача дека тој секогаш повикува таа да се подигне на повисоко ниво и да се почитува етичкиот кодекс меѓу пратениците.

Слични содржини