Сиљановска: Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?

„И овој 8 март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената“, рече претседателката

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Прес-служба на претседателката

По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, денеска во Собранието се одржа седница на тема „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“. Покрај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на седницата се обратија и: Африм Гаши, претседател на Собранието, пратеничките Моника Зајкова, Дијана Тоска, Даниела Белимова, Калтрина Беќири и Јована Мојсоска, пратениците Фатмир Битиќи и Љупчо Пренџов и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Со оглед на траорната атмосфера во којашто го одбележуваме овој 8 Март, претседателката укажа на потребата од сериозни реформи насочени кон родова еднаквост и ставање крај на неподносливото насилство врз жените во македонското општество.

„Страшно е секој 8 март, да броиме нови жртви, да презентираме апдејтирани/најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми,  презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но  непреземени мерки и активности.

И овој 8 март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената!

Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност.

Пред нас е фундаменталното прашање: Дали навистина животот е неприкосновен, како што гарантира членот 10 од Уставот? Дали ова важи за Рамајана, Росица, Ивана и малата Катја“, праша претседателката од собраниската говорница.

Прашувам, додава Сиљановска, дали и колку вреди женскиот живот?

„Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа? Дали навистина за жените и за децата во некои семејства е забранета присилната работа?

Не е доволно во Кривичниот законик да се предвиди кривично дело фемицид, кога толку често доаѓа до преквалификација, ако надлежните не постапуваат ex officio, односно по службена должност, иако измените на Кривичниот законик тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна, наместо највисоката?

Во македонската држава повеќе од половина од истражувачите се жени, што претставува сериозен интелектуален потенцијал. Знаењето постои, но патот до позициите на одлучување и до центрите каде што се дефинираат правилата сè уште не е подеднакво пристапен.

Затоа, учеството на жените во локалната и во централната власт не претставува само прашање на квантитативна застапеност, туку суштински показател за зрелоста и за квалитетот на јавните одлуки. Политиките не се апстрактни норми, туку конкретни механизми што ги обликуваат условите за живот: домот, образованието, безбедноста, економската сигурност и секојдневната благосостојба. Оттука, кога во процесите на одлучување се интегрираат женската емпатија како способност за препознавање на социјалната ранливост, мајчинската одговорност како свест за долгорочните последици, како и умот и знаењето, изградени низ професионално и животно искуство, се креираат  политики со поголема аналитичка длабочина, етичка чувствителност и општествена одржливост“, кажа, меѓу другото, шефицата на државата.