Во рамки на дводневна Регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ”, – Гласно и храбро ги поместуваме границите, на панел 1 се зборуваше на тема: Жени во униформа -борба на два фронта”.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека, во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, во последниве неколку години многу работи Министерството за внатрешни работи придвижи напред.
„Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност. Имаме колешки кои се раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Сега веќе со гордост зборуваме за вклученост на жени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, Специјалната антитерористичка единица „Тигар” и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај, ” истакна министерот Спасовски.
Тој потенцираше дека, министерството со забрзана динамика ќе продолжи да ги подобрува условите подеднакво за сите вработени. Како што тоа го направивме со новиот Колективен договор, кој содржи мерки, кои иако не се насочени само на жените – во голем степен придонесуваат за економска самостојност и социјална рамноправност на жените,” истакна Спасовски.
Фатмир Ѓека, министер за човекови права и малцински права на Република Црна Гора.„Државата Црна Гора го препознава огромниот придонес на жените во создавањето инклузивен, модерен и поефикасен одбранбен систем, како и фактот дека интеграцијата на родовата перспектива и поголемата застапеност на жените во безбедноста и одбраната придонесуваат за зајакнување на институциите и во носењето на квалитетни одлуки.
Безбедноста на Црна Гора се одразува и на безбедноста на целиот регион. Затоа сме подготвени да бидеме дел од тимот кој ќе влијае на подобра позиција и поголеми можности на жените во овој исклучително важен сектор.
Амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер се заблагодари на поканата и можноста да зборува за предизвиците со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ.
Тој потенцираше дека на оваа тема, која е актуелна во светски рамки, е потребно сѐ повеќе да се зборува: „На Преспа форумот за дијалог, на Парискиот мировен форум, на Генералното собрание на Обединетите нации, секогаш се организираат настани на високо ниво со осврт на одредени аспекти од оваа област. Да ги зајакнеме правните алатки и да работиме на терен за да се промени начинот на размислување во таа насока. Регионалната конференција е корисна иницијатива и мене ми претставува чест што учествувам. Сметам дека оваа дебата ја зајакнува улогата на Скопје како регионален лидер за мирен и рамномерен соживот меѓу земјите, меѓу заедниците, а со тоа и меѓу половите”, истакна Бомгартнер.
„Во последните години како членка на НАТО и ЕУ интеграцијата Албанија ги подигна сите стандарди на повисоко ниво и презема низа мерки за родовата еднаквост. Учеството на жените во политиката е приоритет и тоа го потврдуваме со конкретни дела. Албанија е меѓу првите пет држави каде преовладуваат жени на одлучувачки позиции со 76% министерски позиции во Владата. Но и на раководни позиции на најважните државните институции,” истакна Неда Балуху, раководител на одделение за родова еднаквост во близина на Министерството за здравство и социјална заштита , Албанија.
Таа потенцираше дека жените се агенти за промена. Затоа нивното учество е клучно во мировните сили. Демократија и мир не може да се постигне без заедничка работа на жените и мажите, ” порача Балуху.
Суза Трајковска, помошник министерка на Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи, во своето обраќање истакна: „Последните податоци околу половата структура на МВР покажуваат дека над четвртина од вработените во институцијата се жени. Благодарение на позитивните политики на врвното раководство на МВР има повеќе жени кои заземаат и високи раководни позиции во министерството. Командирките на полициски станици и одделенија се позитивен пример за успешна жена во униформа , со што се докажува дека предрасудите за тоа дали жените можат да бидат на раководни позиции во полицијата се срушени,” потенцираше Трајковска.
Нермина Јерковиќ, од Државната агенција за истрага и заштита од Босна и Херцеговина, се осврна на состојбата во Украина, состојбата по Втората светска војна , како и војната по распадот на Југославија, при што потенцираше дека, секогаш по вакви немили настани доаѓа до усвојување на декларации, стратегии за мир и безбедност.
Таа информираше дека во Босна и Херцеговина, 53% се жени, од нив само 5% се во полицијата и тоа во најниските чинови.
„Сите имаме обврска кон ООН и усвоените декларации, мора да работиме многу повеќе и сите да придонесуваме да се подобри состојбата. Се плашам дека учеството на жените е ставено во втор план и се потенцира нивната улога како жртви, но треба да направиме повеќе околу тоа да ги заштитиме и тие да станат рамноправни и во секторот на безбедноста, ” истакна Јерковиќ.