Комесарот на НБА лигата, Адам Силвер изјави дека се надева дека кошаркарот на Бруклин Нетс, Кајри Ирвинг сепак ќе биде вакциниран бидејќи со тоа што ќе одбие да го стори тоа, може да ја пропушти целата сезона.
Ирвинг, засега, одбива да се вакцинира од лични причини, а неговиот тим, Бруклин Нетс, објави дека нема да може да тренира или да игра натпревари.
„Се надевам дека Ирвинг, и покрај тоа што мисли за ова прашање, на крајот ќе биде вакциниран. Би сакал да видам како игра. Сепак, тоа е проблем помеѓу него и државата Њујорк, не е прашање за НБА лига. Мое мислење е дека би било најдобро секој играч да биде вакциниран“, рече Силвер, како што пренесуваат американските медиуми.
НБА лигата и Асоцијацијата на играчи не успеаја да се договорат за вакцинацијата да биде задолжителна, а Силвер рече дека околу 96 проценти од кошаркарите се вакцинирани.