Симеоне го обвини Куртоа: „Кога славиш гол, гледај во тревата“

од Vladimir Zorba
29 прегледи

Фудбалерите на Атлетико и Реал ремизираа (1:1) во осмото коло од Ла Лига, но по мечот во центарот на вниманието не беше фудбалот, туку паузата која следеше по голот на Реал и траеше околу 15 минути.

Пет минути откако Диего Милитао ја затресе мрежата на Јан Облак (64. минута), судијата го прекина мечот, бидејќи разни предмети од трибините полетаа кон голманот на Реал, Тибо Куртоа.

Фудбалерите заминаа во соблекувалната, а тренерот на „јорганџиите“ Диего Симеоне и играчите Коке и Раул Хименез ги смируваа навивачите.

Кога стивнаа страстите, натпреварот продолжи, а домашните израмнија во 96. минута преку Анхел Кореа.

Популарниот Чоло по натпреварот го обвини и Куртоа за начинот на кој го прославил голот.

По голот на Реал, белгискиот репрезентативец гестикулираше кон трибините, каде што беа навивачите на Атлетико, што дополнително ја крена тензијата.

„Народот нема друг начин да го изрази своето незадоволство освен на лош начин. Тоа не е добро, сепак, мора да се погрижиме да ги смириме тензиите. Добро е да се слави гол, но не мора да се прослави со вртење кон трибините и со навредување на луѓето, да гестикулирате во нивен правец. Можете да гледате во тревата. Претпоставувам дека знаете дека луѓето се лутат. Тие не го прават тоа сами од себе. Ние, актерите на теренот, им даваме причина. Секако, не го оправдувам однесувањето на нашите фанови, но не го оправдувам ниту првичното однесување на актерите, што доведе до ова. Мора да се признае, ние секогаш сме жртви“, рече Симеоне.

Симеоне не ја поддржува реакцијата на навивачите.

„Мораме да се обидеме да идентификуваме кои се овие луѓе, за да не се вратат на стадионот. Не ни требаат такви луѓе, туку луѓе кои ќе го поддржуваат тимот“, рече тренерот на Атлетико.

Слични содржини