Симеска Димоска за „Локално“: Инспекторите имаат механизми за проверка на сертификатот доколку се сомневаат во неговата валидност

од Берта Китинска
597 прегледи

Државните пазарни инспектори се постојано на терен и од она што може да се види од извештаите кои се доставени може слободно да заклучиме дека протоколите за работа и новите мерки донесени од страна на Владата се почитуваат. Секако дека има исклучоци , но ова е генералната слика, вели во разговор за „Локално“, Анета Симеска Димоска , в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат.

-За време на викендот се работеше исклучиво по однос на ковид – мерките и протоколите и извршени се 2118 контроли во угостителски објекти, составени се 55 записници за извршени инспекциски надзори , донесени се три решенија за привремена забрана за вршење на дејност за угостителски објекти каде не се почитувале мерките и истите се затворени , а се издадени и прекршочни платни налози за наплата на глоба согласно големината на субјектот, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат.

Симеска Димоска истакнува дека контролите на инспекторите се секојдневни и тие се задолжени да доставуваат неделни извештаи за работа на терен.

Таа објаснува дека нивното постапување при посета на некој објект е во согласност со Законот за инспекциски надзор и се прави контрола на почитувањето на мерките и протоколите кои се во делот во нивната  пропишана надлежност.

Во однос на тоа од каде најчесто ги добиваат дојавите дека на некое место има свадба или организиран настан каде не се почитуваат мерките, Симеска Димоска објаснува дека Државниот пазарен инспекторат не работи само на дојави или пријави и тој постапуваат  по нивни  информации каде има настани и истите ги посетуваат и контролираат .

-Секако дека и доколку имаме пријава од граѓани за нарушување на протоколи постапуваме веднаш , а исто така постапуваме и по барање на МВР доколку тие утврдат прекршувања на мерките и протоколите а кои се во наша надлежност, подвлекува таа, додавајќи дека инспекторите пред да излезат на терен прават  план и проценка и во зависност од тоа доколку е потребно остваруваат соработка со МВР.Понекогаш доколку има потреба и ги повикуваме кога сметаме дека ни е потребна нивната поддршка во конкретен случај. Во изминатиот викенд најголем дел од контролите по градовите низ државата беа во координација или заедно со МВР, вели Симеска Димоска .

На прашањето што можат инспекциските служби да превземат доколку утврдат дека некое физичко лице не поседува сертификат или се сомневаат во валидноста на ковид потврдата, директорката на ДПИ, децидно тврди дека одговорност како и казни во овој случај се пишуваат на угостителските објекти.

-Доколку се затекне физичко лице во угостителски објект без сертификат се превземаат мерки согласно Законот за што одговорност сноси правното и одговорното лице на угостителскиот објект , односно кон нив се превземаат управни и казнени мерки. Доколку се утврди дека сертификатот е невалиден или не е на лицето кое го поседува ќе се информира надлежен орган за покренување на соодветна постапка.Секако дека има механизам за проверка на кодот , со негово скенирање со паметен телефон може да се утврди дали истиот е валиден или не, објаснува таа.

За тоа на кој начин се врши проценката  каде и кога ќе бидат испратени на терен инспекторите за да извршат контрола, Симеска Димоска  вели дека инспекторската работа секогаш се организира согласно планот по кој се вршат редовни и вонредни инспекциски надзори.

– Во ситуација кога сме соочени со ваква ситуација на пандемија и каде согласно надлежностите кои ни се дадени од првиот момент на прогласување на мерките па се до сега нашата работа е постојана , континуирана секој ден , вклучувајќи и сабота , недела и празници , се работи од почеток на работно време до касно во ноќта а често и до раните утрински часови, зависно од тоа до кога е работното време бидејќи и тоа се менуваше согласно мерките. Дополнително секако дека во зависност од состојбата, од информациите што ги имаме на терен , каде има настани или пријави за одредени неправилности а и по наша проценка на ризик дали е тоа за туристички места на пример во одреден период или слично се прави план кога и каде ќе се вршат зајакнати контроли, вели директорката на ДПИ.

Симеска Димоска посочува дека во моментов ДПИ располага со 172 инспектори, но нивната бројка за ангажирање се менува зависно од тоа дали користат годишен одмор или можеби боледување.

Во врска со административците кои беа превземени од Министерството за политички систем и кои беа одбиени од нејзиниот предходник, Пауновски, неговата наследничка вели дека  истите согласно Законот за административни службеници се распоредени на работни места на  ниво на кое биле и претходно распоредени согласно образованието кое го имаат и дека од нив нема поставени лица на инспекторски места.

Б.М.

Слични содржини