На денешната прва вонредна седница на Советот на Град Скопје поврзана со загадениот во главниот град, советникот Горан Симоновски истакна дека сообраќајот во сите студии е посочен како еден од најголемите загадувачи на воздухот, но, како што вели, тој сообраќај сами го одбравме. Вели дека некои луѓе во Советот и градската администрација направија кариера критикувајќи го системот БРТ, а сега да е добар, само ако е продолжен до населба Драчево.
-Во минатото беа потрошени милијарда евра на изградба на споменици, наместо да изградиме ефикасен систем за превоз на градот и денеска да не зборуваме за загадување, од овој агол на Градот. Требаше да бидеме свесни дека таа цена на тие политичари без визија и храброст, ние денеска ја плаќаме со нашето здравје и здравјето на нашите деца. Сметам дека нашата вредност овде како политичари е поголема доколку ја предвидиме иднината, ако зборуваме за мерки во иднината и преземеме решителни мерки, кажа Симоновски.
Советникот предупреди дека во општина Ѓорче Петров е изгласан ДУП со нови хемиски фабрики.
-Не дај боже ако се случи било каква хаварија, Скопје какво што го познаваме, ќе треба да го заборавиме. Ако сите кажуваат дека местоположбата на Скопје е една од причините за загаденоста, сакам да ви кажам дека во овој ДУП, предвидено е меѓу Ѓорче Петров и Карпош изградба на 20-катници и бетонски ѕидови од над 50 метри. Со тоа воздухот ќе го запрат и ќе ја изгубиме шансата за провев. Тоа ќе биде пораз за струката и пораз за здравиот живот, рече Симоновски.