Директорот на заводот за статистика Апостол Симовски за „Локално“ вели, дека изборите и Пописот нема да се поклопат, доколу датумот на нивното одржување биде на 24 октомври.
-Пописот започнува на 5 септември и ќе трае 26 дена, што значи дека ќе заврши на 30 септември. Нема да има никакво поклопување на изборите со Пописот на населението, бидејќи според, Изборниот законик кампањата трае 20 дена, пред денот на изборите. Пописот треба да се одржи во месец октомври и не би требало да се одложи, бидејќи веќе трипати го одлагаме. Во нашата држава немаме попис 20 години, вели Симовски.
Петти септември е датумот за попишувањето кој е договорен меѓу премиерот Зоран Заев и и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерската средба одржана пред четири месеци во Клубот на пратениците. Според неофицијални информации на Локално, овој датум бил по барање на Мицкоски.
Во меѓувреме во јавноста веќе се спомнуваа три можни датуми за одржување на локалните избори, 17, 24 и 31 октомври. Премиерот Зоран Заев денеска рече дека ќе бара согласност од останатите партии локалнтие избори да се одржат на 31 октомври.
-Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е Пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со Пописот, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така, да, ако не се промени тоа со закон изборите треба да бидат до 17, и ќе имаме поклопување на кампањата со Пописот. Предлогот доминанатно е 31 октормври да биде, ако се согласат партиите и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, рече Заев.
Според премиерот Заев се подготвува и законско решение кое, предвидува градоначалниците и советите да ги извршуваат функциите до изборот на новите.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ решението е едно – наместо одлагање на изборите и можноста тие да бидат оспорени, најбезболно е Пописот да се одложи.
-Уставот е над се’ и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот, рече Митева.
И опозициската коалиција Алијансата и Алтернатива сметаат дека изборите треба да се одржат до средината на октомври.
-Според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и овој датум е наш предлог. Не гледаме основана причина за одложување на датумот, но и најавите за ситуацијата со пандемијата не одат во прилог на одложување на изборите. Го разбираме стравот на партиите од власта кои бараат начин да купат време со надеж дека нешто ќе се промени, велат од Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Коалицискиот партнер БЕСА го поддржа предлогот на Заев, локланите избори да се одржат на 31 октомври.
Кон крајот наминатиот месец собранискиот спикер, Талат Џафери најави дека според Уставот, датумот на кој би се гласало за нови градоначалници и општински совети е 17 октомври.
Б.Т.