Симовски: Казни од 200 до 300 евра за тие што ќе дадат погрешни податоци на пописот

од Nikola Popovski
264 прегледи

„Нема проблеми со апликацијата и иселениците можат да се попишуваат. Вчера заврши и рокот за теренските попишувачи на кои се пријавиле осум илјади лица“, информира денес директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ, и директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, ја посетија казнено поправната установа Куманово во К’шање, каде што почна пописот на осудените лица.

Одговарајќи на новинарски прашања, Симовски изјави не може да презицира колкава бројка на лица се попишани, бидејќи се менува во минута и најави информација во текот на денот.

Тој истакна дека има два типа санкции, за оние кои ќе се попишуваат, но и за оние кои учествуваат во операцијата, што е прецизно утврдено со Законот за попис.

„Едниот за оние кои одбиваат да даваат податоци или ќе даваат погрешни податоци и кои подлежат на прекршочни пријави и мислам дека таму се казните од 200 до 300 евра во денарска противвредност, а втора се санкциите коишто се однесуваат на оние кои учествуваат во пописот, коишто ќе ги злоупотребуваат тие податоци евентуално, каде што имаме и кривична одговорност и мислам дека максималната казна беше до пет години затвор, тоа се однесува на нас коишто сме учесници. Јас се надевам дека никој нема да има потреба да подлежи на овие санкции, туку дека сите ќе сфатиме дека оваа операција е во интерес на нас, на граѓаните на оваа држава и дека ќе ја поддржиме и максимално ќе бидеме сериозни во тој дел“, рече Симовски.

Во среда е планирано да се спроведе и пописот на бездомниците во пунктот во Момин Поток. Во текот на наредните денови, се до 15 март, низ процедурата ќе можат да ја поминат и војниците коишто се на шестмесечни мисии во странство. Од АРМ велат дека до сите нив ќе биде испратено известување за постапката за самопопишување. Во план е во првата фаза од статистичката операција да бидат опфатени и вработените во дипломатските и конзуларните претставништва. Ќе може да се самопопишат и македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини подолго од 12 месеци. Попишувањето на оваа категорија ќе трае до 21 април.

Слични содржини