Симовски: Методологијата ќе ги разреши сите дилеми и ќе ги даде сите потребни информации

Сите информации и нејаснотии ќе бидат објаснети во Методологијата која како јавен документ ќе биде објавена во Службен весник, посочи денес Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

„Методологијата во детали го објаснува целокупниот процес на спроведувањето на пописот. Севкупна е и таму се содржани сите дефиниции на поимите што се дел од пописот, дефиниции на сите категории на населението, сите обврски на учесниците во пописот до најситните детали. Таму се сите белези за кои што ќе се собираат податоците, начинот на кој што ќе се собираат податоците за тие белези, значењето на белезите, која е примената на тој податок понатаму. Значи до најситни детали е објаснета целокупната постапка. И она што е многу важно, за прв пат во досегашната практика ова ќе биде објавено во Службен весник, значи ќе биде јавен документ и секој граѓанин ќе може да биде запознает со тоа што ќе работиме во најситен детал“, истакна Симовски.

Претставниците од Државниот завод за статистика ќе ги информираат претставниците на локалните самоуправа за нивните должности кои произлегуваат од Законот за попис. Ќе има и сесија за поставување прашања.

Според Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат секретарите на општините.

За потсетување, Собранието на 21-ви овој месец го донесе Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во земјата, Пописот треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, со употреба на лаптоп, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.

Слични содржини