Симовски за апликацијата за попис: Секој што ќе направи обид за влез преку лажна IP адреса кривично ќе одговара

од Nikola Popovski
423 прегледи

„Секој што ќе направи обид за влез на апликацијата преку лажна IP адреса кривично ќе одговара. Тој влез се блокира во нашата база на податоци. Ние мораме да го заштитиме тој дел на податоци, но вие не можете да го блокирате по било кој основ некој да пристапи. Тврдењето дека многу граѓани се попишале преку користење на VPN апликација е невозможно, бидејќи тоа се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот“, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за дневникот на ТВ Сител на прашањето за попишувањето на дијаспората преку апликацијата.

Според него, тој што се обидува да упадне не влегува со сопствениот матичен број, бидејќи така лесно ќе се види кој е.

„Злоупотребуваат туѓ матичен број и со тоа прави уште едно кривично дело“, истакнува Симовски и дополнува дека во однос на можноста пописот на сите граѓани да биде преку интернет апликацијата, во тој случај пописната операција би била многу едноставна и не би чинела ниту денар, меѓутоа ние како држава се уште немаме адресен регистар.

„Во пописот појдовната основа е адресата на живеење, односно живеалиштето и од тука тргнуваат сите процеси. Ова е главниот проблем, што немаме функционален адресен регистар. Агенцијата за катастар работи на воспоставување на ваков регистар, и има доста напредок, меѓутоа тоа не имплементирано на терен“, изјави Симовски.

Во државата, нагласи тој, за жал барем една третина од населението не живее на адресата што ја пишува во личната карта.

Во однос на лицата кои ќе се самопопишат преку Апликацијата, а потоа ќе бидат попишани и од нивните семејства како лица во странство, Симовски рече дека е можно да се случи двојно попишување, но во тој случај за тоа лице ќе бидат земени податоците од самопопишувањето.

Слични содржини