Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации (FAO), денеска и утре спроведува симулациска вежба за африканска чума кај свињите.
Теоретско-практичниот дел од вежбата ќе се одржи денеска во Велес, додека теренските активности ќе се реализираат утре во село Башино Село.
Од АХВ информираат дека станува збор за вежба според однапред утврдено сценарио, а не за реална појава на болеста. Целта на оваа активност е да се утврдат добрите и слабите страни во одговорот на евентуална појава на африканската чума кај свињите, како и да се зајакнат капацитетите за превенција и контрола.
На вежбата учествуваат претставници од АХВ, Ветеринарната комора на Северна Македонија, Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, експерти од Европската Унија, претставници од Секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, здруженијата на одгледувачи на свињи и Ловечката федерација на Македонија.
Оваа вежба претставува значаен чекор во унапредувањето на подготвеноста и капацитетите на релевантните институции за справување со потенцијални епидемии во сточарството.