Синдикатот на Водовод и ССМ бараат итно разрешување на в.д директорот на Водовод бидејќи тој како што објавија бил осудувано лице. Од загрижени граѓани добиле извештај дека в.д директорот има и документ кој докажува дека тој има дијагноза за психичко растројство. Велат вработените стравуваат за нивната безбедност а загрижени треба да бидат и граѓаните на Скопје порачаа од синдикатот.
Во последната недела покренати биле повеќе од 40 дисциплински постапки кон вработени, од синдикатот обвинуваат дека врз вработените секојдневно се врши мобинг за што ќе поднесат и тужби. Доставија писмо до градоначалничката со кое бараат итна средба за да ги соочат аргументите за разрешување на директорот на ова претпријатие.
Документот што го објавија синдикатите, според в.д. директорот на „Водовод и канлизација“ е злоупотреба на лични податоци.
– Лекарскиот запис што денеска Дарко Димовски сметаше дека е неопходно да го објави е доказ во судска постапка во која јас тужев за мобинг врз мене. Сакам да го информирам дека со објава на докази дадени во судска постапка кои содржат лични податоци на инволвирани страна, направи злоупотреба на податоци, истакна Митовски на попладневната прес-конференција.
Митовски рече дека досега до него нема пристигнато ниту една пријава за мобинг, а во однос на обвинувањата за распоредувања и откази, рече дека ниту еден редовно вработен во ЈП Водовод и Канализација не е избркан од работа.
Митовски ги демантира информациите дека се водат дисциплински постапки против 40 лица. Посочи дека постојат неколку дисциплински постапки поради тешки повреди на работното место кои биле констатирани од внатрешната ревизија за кои следат постапки по службена должност.
Платите на времено прераспоредените лица, како што посочи, не се скратени, не им се намалени бодовите за плата и не се деградирани на каков било начин.