Трите синдикални организации при Управата за јавни приходи: Солидарност, Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија – САДУ и УПОЗ, внимателно ги следат сите актуелни случаи на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во изминатите месеци, вклучувајќи го и последниот, а во кои случаи се опфатени поголем број на вработени од УЈП. Истакнуваат дека синдикатите се против било какво коруптивно однесување и не оправдуваат ниту поддржуваат било какво незаконско постапување на било кој вработен во УЈП, доколку истото е утврдено во законска и правична постапка.
-Како синдикални организации, изразуваме загриженост за случувањата во кои се инволвирани вработени во УЈП, особено за јавното изнесување на информации, коментари и квалификации кои можат да создадат впечаток на однапред утврдена вина и однапред осудување на даночните службеници без правосилна судска одлука, кое е спротивно на Уставот на РСМ, Законот за кривична постапка и Европската конвенција за човекови права. Апелираме до сите јавни чинители, органи инволвирани во постапките и медиуми да покажат воздржаност и почитување на начелото на презумција на невиност, кое е прекршено со јавно објавување на имињата на вработените во УЈП.
Исто така, синдикатите бараат јасно разграничување на делата за кои се гонат учесниците инволвирани во даночни измами и коруптивни дејствија, од една страна, и дејствијата и евентуалната дисциплинската одговорност на вработените кои произлегуваат од работниот однос во УЈП во смисла на Законот за УЈП, Законот за даночна постапка, Колективниот договор на УЈП и интерните акти на работодавачот, од друга страна, велат од синдикатите.
Посебно нагласуваат дека изолирани сомнежи или постапки не смеат да се користат за дискредитација и нарушување на стабилноста на даночниот систем и буџетот, како и угледот на институцијата и на речиси илјада вработени во УЈП, кои, како што велат, секојдневно, професионално и одговорно ја извршуваат својата работа во интерес на државата и граѓаните.