Синдикатот бара разрешување на директорот на „Водовод“: „Да не се доведеме да немате вода за пиење во Скопје“

од Берта Китинска
175 прегледи

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на итна седница ги повика градоначалничката и Советот на Град Скопје за да се разреши в.д. директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје Марјан Митовски, поради кршење на работничките права.

-Денеска ќе повикаме и на итна седница на Управниот одбор на ’Водовод и канализација‘ да го разреши овој човек кој уште неседнат како вршител на должност прави раздор и селекција на вработените и не си ги извршува работните задачи согласно закон и колективен договор. Градоначалничке, Совет на Град Скопје, немојте да дозволите како што вчера што немавте градски превоз да се доведете да немате ниту вода за пиење во Градот Скопје“,рече првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференција пред просториите на скопски „Водовод“.

Од таму велат дека новиот директор, кој го назначи градоначалничката Данела Арсовска, на 30-тина вработени им дал други работни задачи кои не соодветствувале со описот на нивното работно место.

Дека не се стручни за наметнатите задачи тие ги известите трудовиот и управниот инспекторат, но и решенијата кои пристигнале одтаму биле игнорирани од Митовски.

„Не може хидроинженери да праќаме по чуварски куќички и препумпни станици. Возачи пак на специјални возила седеле во базата без работа затоа што не му се допаѓале на Марјан Митовски“, рече Димовски.

Тој кажа дека Синдикатот не се заканува дека ќе го прекине водоснабдувањето за скопјани туку дека тоа може да го направат незадоволни работници.

„Ние не викаме дека ќе го прекинеме снабдувањето со вода, велиме да не се доведе во ситуација како незадоволни работници да го направат тоа, да не дојдат на своите работни места“,рече Димовски.

Слични содржини