Од СКРМ информираат дека добиле изјава од нивната членка Татијана Петрушевска, уметник со повеќе од 30 години работен стаж во МОБ, која, според синдикатот, е суспендирана спротивно на законските процедури, без правна основа и со плата намалена на 50 проценти. Синдикатот наведува дека суспензијата претставува грубо кршење на работничките и човековите права.
Според изјавата на Петрушевска, инцидентот се случил на проба за балетската претстава „Мадам Бовари“ на 16 јануари 2026 година, кога, како што тврди, била јавно обвинета од гостин-диригентот Едуард Амбарцумјан дека не свири во темпо. По нејзината реакција и поддршката од дел од колегите, диригентот ја прекинал пробата и ја напуштил салата. Истата вечер, по доставување писмена пријава за неговото однесување до дирекцијата, Петрушевска добила решение за суспензија поради наводен тежок дисциплински престап.
Таа посочува дека решението за суспензија е правно неосновано, бидејќи против неа никогаш претходно не била водена дисциплинска постапка, дека документот бил потпишан со факсимил од директорот Оливер Арсовски, како и дека во него биле наведени неточни и, според неа, фабрикувани податоци. Дополнително, тврди дека дирекцијата подоцна се обидела ретроактивно да ја „поправи“ документацијата со нови акти со различни датуми.
СКРМ оценува дека документацијата и сведочењето на Петрушевска отвораат сериозни прашања за начинот на кој се раководи институцијата и дека наместо законито управување, се создава атмосфера на страв, притисоци и злоупотреба на функцијата. Според синдикатот, директорот вршел притисок врз вработените да продолжат со работа „по секоја цена“, и покрај тоа што дел од нив пријавиле дека се под силен психолошки притисок.
Синдикатот јавно го повикува министерот за култура Зоран Љутков да одговори дали е запознаен со состојбите во МОБ, дали ќе ги заштити вработените во културата кои, според СКРМ, се жртви на незаконски постапки, и дали ќе преземе одговорност за директорите кои, како што наведуваат, отворено ги кршат законите и ги малтретираат вработените.
Од СКРМ нагласуваат дека случајот одамна ги надминува рамките на внатрешен проблем во една институција и претставува сериозен институционален скандал. Синдикатот најави дека принципиелно ќе застане зад сите вработени во културата кои се изложени на притисоци и незаконски дејствија и му дава целосна правна и морална поддршка на случајот на Татијана Петрушевска.