Синдикатот на Полицијата во Македонија со реакција: Да не се меша МВР во работата на синдикатот

277 прегледи

Синдикатот на Полицијата во Македонија во рамки на своето соопштение, го повикаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да го препознае Синдикатот како здружение основано по зкон и меѓународни конвенции, како и тоа да не ги попречува повеќе активностите и обврските на СПМ.

„Министерот за внатрешни работи со незаконско известување ја спречи работата на Синдикат на Полиција во Македонија и со тоа постапи спротивно на Конвенцијата, како основна повелба во која се поставени основите, правата и работата на синдикат како посебен тип на здружување. Врз основа на тие насоки од Конвенцијата, Законот за работни односи во чл.186 предвидува дека синдикатот не може да биде распуштен или нивната дејност запрена по административен пат (решение) ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон. Тука ќе напоменеме дека СПМ е основан и дејноста ја врши врз основа на решение добиено од Министерството за труд и социјална политика како надлежно по истиот тој закон. Врз основа на чл.202, дејствувањето на синдикат ќе се забрани со одлука на редовен суд и тоа доколку дејноста на тој синдикат е спротивна на Устав и закон“, стои во соопштението кое СПМ го објави.

Ваквите одредби, како што посочуваат од СПМ, се објаснети во точката 139 од Упатствата за чл.11 од Конвенцијата, во која се посочува дека здруженијата се заштитени од мешањето на државата, поконкретно ресорното министерство.

„Сметаме и веруваме дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со своето решение (незаконско известување) неоправдано се мешал и ја кочел работата во извршувањето на активностите на СПМ, што не е во согласност нити со законите, а посебно не е во согласност со Конвенцијата за човекови права“, посочуваат од СПМ во своето излагање.

Инаку, СПМ меѓудругото го повикува Спасовски да постапи во согласност со чл.270 од Колективниот договор на МВР и посочуваат дека од министерот неколкупати писмено барале да ги исполни обврските зададени по сите точки од истиот член од КД, но и обврските од чл.271 од КД кои се предвидени за претставниците на синдикат.

Слични содржини