Синдикатот на УПОЗ и денеска на протест пред Уставен суд: „Уставните судии не вредат 78 пати повеќе од нас“

од Nikola Popovski
152 прегледи

Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ) и денеска излегоа на протест пред Уставен суд поради времената мерка на Уставниот суд за зголемувањето на платите за 30 отсто на вработени во МФ и органите на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.

Тие велат дека на протестот ќе излезат членови од Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ги повика претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и министерот за финансии Фатмир Бесими да покажат добра волја и да се надмине проблемот.

Деаноски ја отфрли вчерашната изјава на претседателката на Уставниот суд како целосно неоснована.

Во изјавата дадена пред Уставниот суд, Деаноски ја негираше и изјавата на министерот за финансии кого го повика да седне на маса со синдикатот и да го потпише колективниот договор.

-Во Министерството за финансии има синдикална организација на УПОЗ повеќе од 20 години.

Моментално над 340 вработени во Министерството се членови на синдикатот што претставува повеќе од 70 проценти од вработените, рече Деаноски.

За тоа дали ќе има штрајк, како што подвлече, ќе одлучат вработените.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов рече дека едниствениот виновник за проблемите со платите во јавниот сектор е Уставниот суд кој, како што рече, со брзината на светлината донел одлука за зголемување на нивните плати за 78 проценти и со брзина на светлината одлучиле да ги замрзнат платите на вработените што протестираат.

-Ние овде стоиме и очигледно е треба да побараме одговорност од некои. Ако сметаат дека не можат да бидат на ниво на задачата, нека си поднесат оставка од Уставниот суд. Ако сметаат дека одлуките кои ги носат, ќе бидат само на штета на работниците, се лажат. Јас знам дека избрани и именувани функционери можеби заслужуваат малку повисока плата, но не вредат овие уставни судии 78 пати повеќе од сите тука нас, кажа Трендафилов.

Слични содржини