Вонредна вест во светот на спортот оваа сабота е тримесечната суспензија на најдобриот тенисер Јаник Синер поради два позитивни теста на клостебол минатата година, чие објавување предизвика допинг скандал.
Светската антидопинг агенција (ВАДА) побара двегодишна суспензија за 23-годишниот Италијанец, прифаќајќи ги аргументите на трикратниот освојувач на Гренд слем титули дека „немал намера да изневерува“, дека „допингот не му ги подобриле перформансите на теренот“ и дека „сè се случило без негово знаење и дека тоа е резултат на неговото невнимание“.
Сепак, тоа тело потсети дека начелата на Судот за спортска арбитража во Лозана налагаат спортистот да ја сноси одговорноста на својот тим.
„Врз основа на единствениот збир на факти за овој случај, тримесечната суспензија се смета за соодветен исход“, соопшти ВАДА.
Синер реши да објави официјално соопштение за оваа вест, преку својот правен тим.
„Тој случај ми виси над глава речиси една година, а долгиот процес требаше да биде завршен со одлука можеби до крајот на годината. Отсекогаш прифаќав дека сум одговорен за мојот тим и ги разбирав крутите правила на ВАДА, кои се од суштинско значење за заштита на спортот што го сакам. По таа основа ја прифаќам понудата на ВАДА ова да се реши со тримесечна санкција“, објасни Синер.
Поради оваа вест ждрепката во Доха за АТП 1000 турнирот беше одложена за два часа. Сега Карлос Алкараз ќе биде прв носител, Алекс де Минор втор, Новак Ѓоковиќ трет, Даниил Медведев четврти итн.