Јаник Синер мина низ вистинска мала голгота во последните недели поради позитивниот допинг и одлуката на тениската организација за интегритет (ITIA) дека тој не е виновен. Светот на тенисот се разбранува, се зборува за двојни стандарди бидејќи казната за одземање на бодови и освоени пари во Индијан Велс не беше ни приближно еднаква на казните што ги добиваа другите тенисери во минатото поради позитивен антидопинг тест.
По пристигнувањето на УС Опен, светскиот тенисер број еден повторно мораше да зборува за „својот случај“.
„Очигледно, поради позицијата на која сум, можев да земам квалификувани луѓе. Да им се случеше на некои други играчи, ќе беше поинаку. Но, повторувам, ме третираа како и сите други. Причината поради која продолжив да играм е затоа што точно знаевме како влезе (забранетата супстанца) во мојот систем и од каде доаѓа. Тоа беше од спреј. Со оглед на сите работи, не бев третиран поинаку. Процесот е доста долг, беше уште поголем стрес бидејќи иако знаете каков ќе биде резултатот, сепак не знаете што ќе се случи на крајот. Тоа не беше лесен период за мене. Затоа сега сум среќен“, изјави Синер.
Синер сега се подготвува за стартот на УС Опен и дуел во првото коло со Мекдоналд (вторник).
„Тоа беше многу тешко време, неизвесно време, среќен сум што заврши затоа што симнав голема тежина од мојот грб. Посакувам ниту еден играч да не мора да помине низ ова, се надевам дека луѓето разбираат зошто ме оставија да играм и зошто бев прогласен за невин“.