Сингапурските власти му наредија на сопственикот на Facebook, Meta, да го блокира пристапот до одредени објави од странци за сингапурските корисници, наведувајќи ги новите изборни правила што забрануваат странско мешање во домашната политика преку социјалните медиуми.
Управата за информациски медиуми ја издаде наредбата откако објавите на одредени странци беа оценети како обид за влијание врз изборниот успех на политичките партии или кандидати, објавија Министерството за внатрешни работи и Изборната комисија на Сингапур, објави Ројтерс.
Претстојните избори на 3 мај ќе бидат првите што ќе се одржат според новите правила усвоени во 2023 година, а се очекува повторно да ги добие владејачката Партија на народна акција (ПАП), која е на власт од независноста во 1965 година.