Во врска со случајот со Барлет Џафери кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција Ве информираме дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството за правда и е од трајна вредност, лицето Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година. Потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година, информираат од Министерството за правда.
Од таму додаваат дека министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда.
-Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата пропратна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година. Со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат, велат од Правда како реакција на претходното соопштение од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Првата антикорупционерка Билјана Ивановска истакна дека на денешната седница на ДКСК било одлучено дека не може да се отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.
Според Ивановска немаат услови за да го докажат тоа.
-Од документацијата со која располагаме можеме да заклучиме дека кандидатот студиите со кои се стекнал со триста кредити ги завршил по положувањето на правосудниот испит. Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето на триста кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме тоа да го потврдиме, бидејќи документите во Министерство за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме. Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија оти имал положено правосуден испит, но како се стекнал со правото за правосуден испит не, појасни Ивановска.