Габриел Бајрам, син на поранешниот пратеник Амди Бајрам, доби осум дена притвор, објавија дел од домашните медиуми.
Обвинителството не го објави идентитетот на осомничените, а МВР објави само иницијали.
Двајцата осомничени, на 28 јули во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице.
-Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 41-годишник, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото, со оглед дека се работи за лице кое и претходно е осудувано за повеќе слични кривични дела. Исто така, постои и опасност осомничениот да му се заканува или да го нападне оштетениот во обид да го принуди да го смени исказот. За неговиот 21-годишен син, пак, предложени се мерки на претпазливост“, стои во соопштението на ЈО.