Поранешниот бугарски вицепремиер и почесен претседател на партијата ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов му постави неколку прашања на Андреј Зографски, кој е кандидат за член во Советот на Софија на тамошната коалиција ПП-ДП. Зографски е познат како син на експратеничката и сегашна претседателка на „Глас за Македонија“, Солза Грчева.
„Според вас Бугарите се фашисти и татари? Дали Бугарија е фашистички окупатор на Македонија? Дали има македонско малцинство во Бугарија и дали Бугарија треба да го признае? Откако во 2019 година добивте бугарско државјанство, дали се уште сте државјанин на Република Македонија?“, прашал Каракачанов, пренесува бугарски „Днес“.
Каракачанов истакнал дека Грчева се декларирала како „чистокрвна Македонка“ и дека нема никаква врска со Бугарија.
-Како може чистокрвна Македонка да роди Бугарин? Како мајката води жестока антибугарска кампања во Скопје, а синот тивко се мести да владее и управува со Софија, додал контроверзниот бугарски политичар.
Грчева вчера во објава на социјалните мрежи, порача дека се води организиран напад против неа. Бара „да не ѝ мешаат членови на фамилија“. Политичарката во многу наврати ја критикуваше политиката на власта и бараше да се спречи т.н. бугаризација на Македонија.