Откако сопственикот на „Вагнер“ изјави дека синот на портпаролот на Путин, Димитриј Песков, се борел заедно со неговите платеници во Украина, Николај Песков (33) ја потврди оваа информација.
Синот на портпаролот на Кремљ за „Комсомолскаја правда“ изјавил дека бил во „Вагнер“ и служел во Украина речиси шест месеци, пишува Би-Би-Си.
„Тоа беше моја должност, не можев да седам настрана и да ги гледам пријателите и другите како одат во Украина“, рече тој.
„Користев лажно име“
Приватната армија на „Вагнер“ е обвинета за воени злосторства и злоупотреби во Украина. Меѓу платениците на „Вагнер“, илјадници осуденици беа регрутирани од затворите, откако групата претрпе големи загуби. Ретко се случува член на руската елита да одлучи да му се придружи на „Вагнер“. Голем дел од нив заминале во странство за да избегнат регрутирање во редовната војска.
Николај Песков, познат и како Николај Чолс, течно зборува англиски бидејќи во своите млади денови поминал неколку години во Лондон. Работел како дописник за руската државна телевизија РТ.
И тој и неговиот татко се под американски санкции. Во интервју за прокремљскиот дневен весник „Комсомолскаја правда“, тој рече дека негова одлука било да му се придружи на „Вагнер“, но не знаел како да го направи тоа. Затоа му се обратив на татко ми и тој ми помогна“, вели помладиот Песков.
Тој рече дека користел лажна лична карта за неговите колеги од „Вагнер“ да не дознаат за неговите врски со Кремљ. Во интервјуто не го открил лажното име бидејќи, како што рече, можеби повторно ќе го употреби. Би-Би-Си не можеше да го потврди неговото тврдење дека служел со Вагнеровците.
Тврдењето на Николај Песков се совпаѓа со големата акција за регрутирање за новата армија, при што руските државни огласи ги повикуваат мажите да ја извршуваат својата „патриотска должност“ за време на „специјалната воена операција“ во Украина.
Десетици илјади мажи ја напуштија Русија минатиот септември за да избегнат мобилизација откако Путин го најави тоа.
„Добив медал за храброст“
Николај Песков не откри каде точно служел во Украина. Шефот на „Вагнер“ Пригожин за руските медиуми изјави дека Песков, откако се приклучил на групата со лажни документи, поминал тринеделен курс за обука. Тој додаде дека Песков бил во Луганск и дека покажал храброст и херојство „како и сите други“.
Пригожин тврди дека портпаролот на Кремљ побарал од него да го земе неговиот син како обичен војник.
Николај Песков изјави дека годинава добил медал за храброст.
„Тоа се случи откако целиот мој тим постигна подвиг, но не можам да кажам повеќе од тоа“, рече Песков.