Синот на Шумахер обвинет дека победува само поради своето презиме

од Vlatko K

Пилотот од академијата на Ред Бул за млади пилоти, Дан Тиктам изјави дека титулата во Формула 3 му била одземена, поради тоа што не се презива Шумахер. Британецот водеше во генералниот пласман за поголемиот дел од сезоната, но од почетокот на септември, Мик Шумахер покажува радикално различна форма и сега е нов лидер.

Синот на седумкратниот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер ги освои и трите натпревари на германската „Нирбургринг“, како и две од натпреварувањата на „Ред Бул Ринг“ во изминатиот викенд. За разлика од него, Тиктам зеде во Австрија само 8-мо, 17-то и 4-то место.

„Викендот во Австрија не беше идеален. Не ме боли поразот, ниту завидувам. Го почитувам многу Мик, кој требаше да се справи со многу тешки работи во изминатите неколку години. Не сакам да кажам дека Мик користи нелегални начини да победува, но неговата брзина дојде одникаде. Не негирам, дека имам што да учам, но оние кои не се на патеката, не ја знаат вистината, бидејќи не ги гледаат податоците на останатите натпреварувачи. За жал водам битка што знам дека ќе ја загубам, бидејќи моето презиме не е Шумахер. Имав ужасен викенд, делумно вината беше моја, делумно беше на тимот, но тоа не го менува фактот дека титулата ми беше украдена“, коментира Тиктам.

До крајот на сезоната во Формула 3 остануваат три трки на германската писта „Хокенхајм“, закажани за викендов 13 – 14 октомври. Екипата на Шумахер помладиот „Према“ веќе ја освои титулата кај тимовите. Мик е лидер кај пилотите со 329 поени, следен од Тиктам со 280 поени и Армстронг со 260 поени.

Слични содржини