Хауард Бафет, средното по возраст од трите деца на Ворен Бафет, е еден од најголемите донатори на Украина. Со доделената хуманитарна помош од 500 милиони долари, овој филантроп стои рамо до рамо со низа земји чии влади започнаа да ја поддржуваат Украина по руската инвазија.
Според весникот Omaha World-Herald, синот на Бафет годинава планира да донира уште 300 милиони долари помош за Украина.
Богатството на Ворен Бафет се проценува на 130 милијарди долари. Според индексот на милијардери на „Блумберг“, тој е на седмо место во светот по големината на капиталот.
Хауард Бафет ја посети Украина уште на вториот месец по почетокот на војната во Украина, пишува весникот. Оттогаш за Киев патувал десет пати да реализира хуманитарни проекти, како болници за рехабилитација на ранетите или поправка на прозорците на зградите оштетени од руските напади.
Други негови хуманитарни проекти се: прехранбени производи за училиштата; расчистување на земјоделското и селското земјиште од мини; снабдување на специјалните служби со неопходна опрема и транспорт; снабдување со електрична енергија. Потоа, снабдување со ДНК тестови за безбедносните служби кои ги вршат истраги за воените злосторства на руската војска и специјалните единици; и изградба и обезбедување на опрема за болниците каде се негуваат војници и граѓани кои изгубиле делови од телото.
„Не разбирам како може да се свртиме и да гледаме на страна кога некој како Путин се обидува да го уништи населението на една цела земја“, изјави синоќа Хауард Бафет и додаде: „Не треба да се самозалажуваме и да мислиме дека ако на фронтот постои нерешена ситуација, со Путин може да се преговара за мирно регулирање на кризата. Невозможно е да се стигне до таков договор во кој Путин би се држел за зборот“.
„Татко ми секогаш велеше – не треба да се склучува добра зделка со лош човек“, истакна Бафет.