Грчката опозициска партија СИРИЗА објави соопштение во кое ја повикува тамошната влада да преземе мерки против Македонија, поради, како што велат, новото прекршување на Договорот од Преспа од страна на идниот премиер Христијан Мицкоски.
-СИРИЗА недвосмислено го осудува новото прекршување на Договорот од Преспа од страна на претседателот на ВМРО и мандатар Христијан Мицкоски и ја повикува Владата на Мицотакис конечно да ги преземе пропишаните дејствија.
Сакаме да ја потсетиме ВМРО-ДПМНЕ дека континуираните прекршувања на Договорот од Преспа резултираат и со пропишани санкции кои произлегуваат од меѓународното право. Договорот од Преспа е европско законодавство и целосното усогласување со него е неопходен услов за влез на Северна Македонија во ЕУ. Воедно, потсетуваме на американското законодавство од 2021 година кое предвидува санкции во случај на прекршување на Договорот, истакнуваат од партијата на Стефанос Каселакис.
Според СИРИЗА, Владата на Мицотакис, наместо да се обиде да го минимизира овој неуспех на својата надворешна политика, веднаш треба да го интернационализира прашањето со тоа што, како што велат, новото раководство на Северна Македонија ќе го доведе лице в лице со своите одговорности пред меѓународната заедница од моментот кога ќе продолжи да го прекршува Договорот.
-Навистина е тажно што Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, двете сестрински партии во ЕПП, се обидуваат да го минираат договор кој е пресвртница за сите народи на Балканот за да привлечат националистичка публика.
Владата на Нова Демократија сноси тешка одговорност за оваа нова штета што ја нанесува на националните интереси, во име на својата неодговорна надворешна политика, избегнувајќи сиве овие години секакво активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските баланси, стои во партиското соопштение на грчката опозициска партија.
На употребата на името Македонија и тоа како што пишуваат „трипати“, грчките медиуми го ставаат акцентот во текстовите за говорот во Собранието на мандатарот за нова Влада, а дел од информативните портали коментираат дека станува збор за „нова провокација“.
Онлајн изданијата на медиумите, во главно ја пренесуваат веста од грчката новинска агенција АНА-МПА што е под наслов „Македонија: Христијан Мицкоски ја нарече земјата „Македонија“ во експозето како мандатар за неговата Влада“, а во текстот е објаснето дека во Собранието започна дводневната седница за избор на Владата „која ќе ја води десничарското ВМРО-ДПМНЕ со премиер, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски“.