СИРИЗА ја осуди средбата на Сиљановска Давкова со Здруженијата на децата бегалци од Егејска Македонија

од Nikola Popovski
54 прегледи

Грчката опозициска партија СИРИЗА недвосмислено ја осудува средбата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со делегација од Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН и како што велат, нејзините ставови за „Егејска Македонија“, со кои обвинуваат дека грубо се крши членот 4 од Договорот од Преспа.

-Ја повикуваме владата на Мицотакис конечно да се разбуди од дипломатската летаргија во која западна и веднаш да го интернационализира прашањето, со цел Владата на Северна Македонија да се соочи со своите одговорности, кои се однесуваат и на нејзиниот процес на пристапување во ЕУ и на воведувањето санкции за тие кои го прекршуваат Договорот од Преспа според законодавството на САД од 2021 година. Владата конечно мора да сфати дека е императив да дејствува, за конечно државното и политичкото раководство на Северна Македонија да го почитува меѓународното и правото на ЕУ и да престане да се препушта на евтин и лажен национализам, порачуваат од партијата на Стефанос Каселакис.

Според СИРИЗА, Нова Демократија на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис „сноси тешка одговорност за штетите што ги нанесе на нивните национални интереси, во име на својата неодговорна надворешна политика, избегнувајќи сиве овие години какво било активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“, стои во партиското соопштение.

На вчерашната средба во претседателската вила која се одржува во пресрет на традиционалното одбележување  на 75-годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76-годишнината од насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, делегацијата од МАКЕДОН информирала за подготовките на настанот, како и за одржувањето на годишното Собрание на кое се очекува да се донесат одлуки за прием на здруженија во Сојузот, за избор на членови на Претседателството на Сојузот и годишна програма за работа.

Според соопштението од Кабинетот на претседателката, Сиљановска Давкова, изразувајќи ја својата поддршка за работата и активностите на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, нагласила дека судбината и трагедијата на 30.000 деца бегалци и нивната голгота не смее да се сокрива и релативизира. Претседателката упатила порака дека почитувањето и знаењето на минатото дава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

-Соговорниците на средбата изразија очекување дека одбележувањето на двата трагични настани, кое ќе се одржи на 30 јуни 2024 година, недела, пред Споменикот на децата бегалци во Парк Жена-Борец во Скопје, ќе помине достојно бидејќи со почитување на судбината и трагедијата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, ја почитуваме и трагедијата на недолжните деца ширум светот – жртви на војните, соопштија од Вила Водно.

Слични содржини