Сириза се заложува да се исполни „неисполнетото“ од Преспанскиот договор

од Nikola Popovski
293 прегледи

Грчката партија Сириза денеска информира во следниот период ќе ги поднесат за ратификација во грчкиот Парламент, трите меморандуми со Северна Македонија. Според партијата која го иницираше и спроведе Преспанскиот договор, трите меморандуми веројатно ќе бидат во форма на законска иницијатива.

Портпаролката на Сириза истакнала дека партијата „без во ниеден момент да не ја земе предвид политичката цена, туку исклучиво ставајќи го над сè националниот интерес“, следниот период ќе ги донесе за ратификација протоколите за соработка, за кои коментираше дека Владата на грчкиот премиер Мицотакис „избегнува да ги донесе во Парламентот од внатрепартиски причини и за да ја одржи рамнотежата во самата Влада“.

Од партијата на екс-премиерот Алексис Ципрас упатија и прашање до актуелната грчка Влада, зошто, „ако толку многу е вознемирена од ставот на новата претседателка на Северна Македонија, веднаш не ги донесе во Парламентот меморандумите како што налага Договорот од Преспа?“

Партијата СИРИЗА, која беше на власт кога се потпиша тој договор, во соопштение наведуваат дека Владата на Мицотакис „пет години не направи ништо за да го заштити договорот“, а како пример споменува дека сè уште ги нема ратификувано меморандумите, не направила ништо за промената на учебниците, за промена на трговските ознаки на компаниите од соседната земја, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.

-Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година што имаа јасни придобивки за земјата туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови, велат од СИРИЗА.

Дополнително ја прашаа грчката Влада и „дали има намера да го покрене прашањето за исфрлање на националистичката ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија, односно сестринска партија на Нова демократија“.

Пет години по Договорот од Преспа, Северна Македонија е членка на НАТО, уште чека преговори по поглавја со ЕУ, но останаа обврски за двете земји потписнички. Во фиока во грчкиот парламент веќе пет години се чуваат три меморандуми кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.

Токму Ципрас телефонски разговарал со поранешниот премиер, Зоран Заев за да разговараат за најновите политички случувања во Северна Македонија, пишува грчки „Катимерини“.

Ципрас и Заев разговарале за политичкиот случувања кај нас, а освен важноста на Договорот од Преспа, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис за ЕРТ повторил дека грчката страна бара почитување на договорот од Преспа.

„Од моментот кога ќе се ратификува меѓународен договор во парламентите, тој добива сила над законите. Ниту една од двете држави не може еднострано да го ревидира овој договор. Значи, дури и кога не се согласува со она што е вклучено во договорот, мора да го спроведе“, изјавил Јоргос Герапетритис, МНР на Грција.

Во врска со тоа што Грција сè уште нема ратификувано ниту еден меморандум, не ги променила учебниците, трговските ознаки и сообраќајните табли, што е нивна обврска со договорот, Герапетритис повторил дека тие ќе бидат ратификувани во Парламентот кога ќе дојде вистинскиот момент, кога грчката страна ќе се увери дека има целосна усогласеност.

Слични содржини