СИРИЗА Солун го осуди инцидентот на изложбата на Андреевски и бара полицијата да ги уапси сторителите

од Nikola Popovski
197 прегледи

Партискиот огранок на СИРИЗА од Солун излезе со осуда на „варварскиот упад на маскираните Златнозорци“ во општинската галерија во Солун на изложбата на македонскиот сликар Сергеј Андреевски и бара полицијата да ги уапси сторителите.

Паралелно, велат дека очекуваат од Владата и партијата Нова демократија „да заземе став и практично да ги осуди вистинските непријатели на демократијата“.

Денеска во МНР, како што информираат оттаму, е повикана и грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду, на која и формално ќе ѝ бидат упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.

Во објавеното видео на т.н „Фронт на подмладокот- Златна зора“ тврдат дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“, коментираат дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, а тие морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.

Златна зора како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација и нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.

Слични содржини