Профункционира заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан, каде е изградена нова физичка и дигитална инфраструктура со која е воспоставен функционален систем кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола.
Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветноста резултирале со проекет од голема важност за граѓаните на Северна Македонија и на Косово.
– Основањето заеднички гранични премини се повеќе од гранична инфраструктура и тие претставуваат нови точки на соработка и сервис кои ги поврзуваат уште повеќе нашите народи и ги зајакнуваат нашите добрососедски односи, рече Курти, посочувајќи дека концептот на преминот е доказ за поголема довреба меѓу двете држави.
Отсега па натаму граѓаните ќе бидат проверувани само при влез во земјата, а податоците ќе се разменуваат во реално време преку современиот технолошки систем. Само во 2024 година над пет милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу двете држави, што укажува на врската меѓу нашите граѓани, но и потребата за слободен и брз проток на луѓе и стока, наведе Курти.