Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен не ги консултирала своите комесари пред да го претстави усвоениот механизам за контрола на испораката на вакцините, изјави за „Еурактив“ официјален претставник на ЕУ, додавајќи дека шефовите на кабинетите на комесарите имале помалку од половина час за „брза проверка“ на правниот текст .
Потсетуваме, Комисијата била принудена да го ревидира веќе усвоениот механизам за одобрување на испорака на вакцини само неколку часа по усвојувањето на законскиот пакет, бидејќи оригиналната верзија на текстот била во спротивност со Протоколот за Северна Ирска, што може да ги наруши мирот и безбедноста низ цела Ирска.
Според неколку претставници на Комисијата, кои биле подготвени да го споделат своето искуство за усвојување на спорниот механизам за „Еурактив“ под услов да останат анонимни, најновиот нацрт-закон бил испратен на е-пошта на адресите на кабинетите на комесарите точно во 15.21 часот, помалку од половина час пред официјалната прес-конференција во која Фон дер Лејен ја претставила регулаторната рамка за испорака на вакцини надвор од територијата на ЕУ.
Нацртот, наводно, бил доставен до шефовите на кабинетите на „брза контрола“ со цел што побрзо да се започне постапката за усвојување, која, според изворите на „Еурактив“, траела цели седум минути. Неколку официјални лица сè уште го читале законскиот пакет за време на прес-конференција во петокот попладне.
Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер не сакаше да коментира за начинот на усвојување на механизмот.
– Сè се случи многу брзо – рече еден службеник, нагласувајќи дека при итно усвојување на механизмот биле заобиколени утврдените контролни процедури, што нормално би предупредувало на опасноста од правен судир од член 16. Овој пропуст, според него, ги разоткри недостатоците и ризиците од централистичко донесување на одлуки донесени во Европската комисија од страна на Урсула фон дер Лејен на крајот на 2019 година.
– Постои голема огорченост во Европската комисија затоа што многу вработени не се задоволни од начинот на донесување одлуки откако новата администрација стапи на чело на институцијата – потврдија два извора.
Извор тврди дека написот не бил вклучен во првата верзија на нацртот, кој бил доставен до Комисијата за контрола во петокот наутро. Според извори, членот 16 во последен момент еднострано било одлучено да биде додаден од членовите на Кабинетот на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејан, без претходна консултација со Генералниот директорат за трговија, со кој претседава Сабина Вејанд, Заменик на Мајкл Барние за време на преговорите за Брегзит со Лондон. Исто така, Фон дер Лејен претходно не се консултирала со ирскиот комесар Мејрид Мекгинис, што изворите го оценија како „посебен пропуст“.
– Предлогот пристигна од кабинетот на фон дер Лејен и исчезна во мракот – рече еден од соговорниците, прашувајќи се која е точно улогата на нејзината соработничка Стефани Рисо.
Имено, претседателката на Комисијата, според сите проценки, во голема мера зависи од советот на неколку соработници на кои им верува, меѓу кои се и нејзиниот началник на кабинетот Бјорн Зајберт и советникот за комуникација Јенс Флосдорф.
„Научивме многу од грешките што ги направивме минатиот петок, а можеби и најважната лекција е дека мора да ги удвоиме нашите напори и да внимаваме кога носиме итни одлуки“, рече Фон дер Лејен за The Irish Times претходно оваа недела, додека бројни официјални лица од нејзината Комисија се прашуваат дали нивната претседателка ќе претрпи политичка штета поради овој пропуст.