Сите повредени во несреќата кај Велес се надвор од животна опасност, двајца се пуштени на домашно лекување

од Nikola Popovski
164 прегледи

Сите 12 патници кои беа повредени откако железничко возило удрило во комбе на патниот премин кај Велес, се однесени во велешката болница и се надвор од животна опасност, информира попладнево д-р Елена Левкова Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница-Велес.

Таа во изјава за МИА информира дека меѓу повредените има две деца на возраст од три и пет години и една 19-годишна девојка. Останатите повредени лица се на возраст од 30 до 60 години.

-Кај нив се направени рендген и лабораториски испитувања, а двајца од нив по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување, рекла Ќулумова, додавајќи дека останатите повредени се задржани на лекување во велешката болница.

Несреќата се случила околу пладне на пругата кај поранешната велешка фабрика „Порцеланка“. Во комбето имало патници од селата Чашка и Мелница, кои се враќале од Велес. Било сопственост на такси компанија од Чашка, управувано од 52-годишниот Д.Ј. од Чашка.

Градоначалникот на општина Чашка Горан Стојановски изјавил дека сите патници се полесно повредени.

-Би рекол дека има среќа во оваа несреќа бидејќи поминале со полесни повреди. Повредени се 12 граѓани од селата Мелница и Чашка, кои се враќале од Велес, посочил Стојановски.

Слични содржини