Сите рокови истекоа: Од БЕГ порачаа дека немаат обврска да греат

од Берта Китинска
258 прегледи

Рокот од 90 дена во кои производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ (БЕГ – Производство) требаше да продолжи да ја врши дејноста производство на топлинска енергија истече. Истече и договорот за соработка со ЕСМ, а е раскинат и договорот за закуп на топланите од страна на новиот сопственик, информира БЕГ како реакција на тврдењата дека компанијата има обврска да ги снабдува скопјани со топлинска енергија до избор на нов оператор.

Од компанијата дополнително информираат и дека немаат финансиски можности да продолжат да ја вршат дејноста.

Како што соопшти компанијата согласно член 51 од Законот за енергетика БЕГ имал рок само 90 дена да продолжи да ја извршува обврската,а овој рок истекол

„Во овој период БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона“, се наведува во соопштението.

Од компанијата информираат и дека БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите.

„Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Поради овие причини на 09.06.2022 год. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство“, се појаснува во соопштението.

Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ од БЕГ производство информираат дека овој договор бил со важност до 31.03.2022 год., односно истиот е истечен.

„Од погоре наведеното очигледно е дека БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија“, се наведува во соопштението.

Слични содржини