Првиот човек во ресорот образование, Јетон Шаќири информира дека учениците од 3-то одделение во сите училишта ги добиле потребните учебници.
-Може да се потврди тоа што го кажавме претходно дека сите учебници за 3-то одделение се доставени до сите училишта. Што се однесува до 6-то одделение, Националната комисија ги има одобрено учебниците по македонски и албански јазици, природни науки, додека за учебникот по математика треба да се чека уште пет дена жалбена постапка. Сите други учебници се доставени на графичко-техничко и печатење со план на достава до училиштата, рече Шаќири.
Прашан за оние кои се изработуваат согласно нови наставни програми, Шаќири рече дека утре МОН ќе сподели точни информации со план за достава на учебниците од новата реформа до сите училишта, од прво до шесто одделение.
Министерот истакна и дека продолжува доставата на учебиците во средното образование. Обелодени дека повеќе од 10 години немало нови учебници во средното образование.
-Одредени издавачи побараа одложување на временскиот рок, но сите во гимназиско образование ќе добијат учебници, додаде Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Министерската конференција за квалитет на високото образование во Западен Балкан.