Сите знаеме личност која иако сите во нејзиното семејство се заразени со коронавирус, никогаш не била позитивна на оваа болест. Научниците сега пронајдоа објаснување, кое покажува дека некои луѓе доживуваат „привремена инфекција“ шреку која вирусот навлегува во телото, но Т-клетките на имунолошкиот систем го чистат во најраната фаза, што значи дека ПЦР и тестовите за антитела даваат негативен резултат.
Околу 15 проценти од здравствените работници кои беа следени за време на првиот бран на пандемијата во Лондон се чини дека одговараат на ова сценарио. Откритието би можело да го отвори патот за нова генерација вакцини насочени кон Т-клетки, кои би можеле да произведат долготраен имунитет велат научниците, пишува „Гардијан“.
Лео Свадлинг, имунолог на Универзитетскиот колеџ во Лондон и главен автор, рече дека секој има некои докази дека луѓе биле изложени, но не подлегнале на инфекцијата.
„Она што не го знаевме е дали поединците навистина успеале целосно да го избегнат вирусот или дали вирусот бил природно исчистен пред да биде откриен со рутински тестови“.
Најновата студија интензивно ги следеше здравствените работници за знаци на инфекција и имунолошки реакции за време на првиот бран на пандемијата. И покрај високиот ризик од изложеност, 58 учесници никогаш не биле позитивни на Ковид-19. Сепак, земените примероци на крв од овие луѓе покажаа зголемување на Т-клетките кои реагираа на Ковид-19, во споредба со примероците земени пред пандемијата и во споредба со луѓето кои воопшто не биле изложени на вирусот. Имале и зголемување на уште еден знак за вирусна инфекција во крвта, пренесува „Недељник“.