„Сите за Палестина“ во вторник на протестен марш: „Македонската влада ги пере злосторствата на Нетанјаху и ја поддржува окупацијата на Палестина“

од Vladimir Zorba
43 прегледи

Иницијативата „Сите за Палестина“ во вторник, 24.06.2025, со почеток од 18:00 часот повикува на протестен марш со почеток од 18:00 часот пред Влада а ќе заврши до американска амбасада.

„Европската унија неодамна усвои историски висок воен буџет – 800 милијарди евра ќе бидат потрошени за наоружување, додека народот се соочуваа со економска несигурност, зголемена сиромаштија и недостапни јавни добра и услуги. Тоа не е буџет за мир – туку буџет за смрт, за профит на воените корпорации, а на сметка на работничката класа и младината ширум континентот.

НАТО не штити – НАТО убива.

Воениот пакт не е симбол на заедништво и безбедност, туку алатка на империјалната контрола. Наместо солидарност со потиснатите, се нудат ракети. Наместо хуманост – бомби. Западните влади под диктат на Вашингтон и Брисел, сè повеќе пари од јавните буџети пренасочуваат кон оружје и милитаризација. Ова го согледуваме и од македонската влада – кои радо би ги продале нашите животи на империјалистите.

Во Украина, војната станува бескрајна машина за пари за воените индустрии, додека илјадници Украинци и Руси умираат. На Блискиот Исток, целиот свет е сведок на геноцид врз палестинскиот народ, извршен од израелската држава и поддржан со логистика и пари од НАТО, САД и ЕУ.

Македонија не е неутрална.

Македонската влада е активен дел од оваа смртоносна архитектура. Наместо инвестиции во распаднатото јавно здравство, уништеното образование, социјалната грижа и младинските перспективи, Владата слепо ги следи „препораките” на НАТО и ЕУ – зголемувајќи ги воените трошоци, ги пере злосторствата на Нетанјаху и ја поддржува окупацијата на Палестина. И сето тоа во име на „безбедност” и геополитички интереси за пари во џебовите на капиталистите.

Но каква безбедност е тоа кога младите си заминуваат, старите умираат без грижа, а секојдневието станува борба за преживување?

Нашата историја е антифашистичка – нашата иднина мора да биде антимилитаристичка!
Стануваме – против капитализмот кој не само што создава војни, туку профитира од нив. Против секоја империја што ја става експлоатацијата и профитот пред животот, достоинството и слободата. Против репресијата на народот.

Се залагаме за класна борба, за слобода на Палестина, за мир во Украина и на Блискиот Исток, и за свет каде јавните средства не одат за тенкови, туку за болници, училишта и квалитетен живот“, стои во повикот за протестот.